Зелени и Црни чаеви

ЧАЕВИ КОИ СОДРЖАТ КОФЕИН

Пиењето чај е одраз на животниот стил кој открива желба за постојано истражување мириси и вкусови, во безброј варијанти. Оваа благородна традиција е креативно интерпретирана во новите GOOD NATURE зелени и црни чаеви на Алкалоид АД.

Под името чај, без никаква друга ознака или со ознака на земјата на потекло (кинески, руски, индиски, цејлонски) се подразбираат листовите и лисните пупки добиени од грмушката Thea sinensis, односно Camellia sinensis. Малкумина знаат дека зелениот и црниот чај се всушност листови од истата билка, Camellia sinensis, а се разликуваат според начинот на кој се обработени.

Свежо собраните листови најнапред се оставаат да овенат, па потоа се обработуваат, односно валкаат, при што листовите се кршат. Сокот кој излегува од клетките се врзува со кислородот од воздухот и со тоа настанува процес на ферментација. При овој процес се развиваат етерични масла кои се од големо значење за аромата на самиот чај. На овој начин се добива црниот чај.

Зелениот чај за разлика од црниот е неферментиран чај. Листовите веднаш по бербата подлежат на обработка со водена пареа, со што се спречува ферментацијата и се овозможува задржување на зелената боја на листовите. Зелениот чај, токму заради овој начин на обработка, задржува голем дел од активните соединенија и поседува значително посилни својства во споредба со црниот.

БЛАГОДАТИТЕ НА ЧАЈОТ

Иако лекарите и нутриционистите постојано укажуваат на тоа дека на нашето тело секојдневно му е потребно големо количество течност, истражувањата покажуваат дека дури 80% од популацијата не се придржува кон ова. Само за потсетување: недостатокот од течност предизвикува симптоми на дехидратација и бројни непријатности, од летаргија до главоболка и чувство на замор.

Пиењето чај го спојува пријатното со корисното бидејќи, покрај потребните течности, обезбедува пријатен вкус и позитивни ефекти врз организмот.

Зелениот чај е богат со флавоноиди, или попрецизно речено полифеноли, кои имаат силно антиоксидантно дејство. Полифенолите ги неутрализираат слободните радикали, кои се причинители за оштетувањето на клетките (причина за развивање на разни болести) и за забрзаниот процес на стареење на организмот.

Така на пример, активниот полифенол, присутен во листовите на зелениот чај, е над 200 пати посилен антиоксиданс од витаминот Е. Истиот полифенол е одговорен и за блокирање на дејството на некои фактори како што се разните канцерогени, ултравиолетовата светлина или веќе формираните метастази.

Објавени се низа научни трудови за полифенолите, добиени од младите листови на зелениот чај, во кои се потврдува дека тие значително го спречуваат и појавувањето на разни кожни болести, предизвикани од надворешните влијанија.

ЧУВАР НА СРЦЕТО

Природните антиоксидантни својства на зелениот чај го штитат организмот од болести на срцето, бидејки ги намалуваат ризичните фактори како висок холестерол, зголемени триглицериди и зголемен крвен притисок. Нивото на холестерол во крвта се намалува пропорционално со внесената количина зелен чај, а истражувањата покажуваат дека се снижува и систолниот притисок.
Катехините кои ги содржи зелениот чај дејствуваат инхибиторно на активноста на ензимот кој се излачува од бубрезите, а дејствува на зголемувањето на крвниот притисок.

ЗАШТИТА ОД РАК

Зелениот чај го намалува ризикот за заболување од рак. Големиот број направени испитувања го докажуваат заштитното влијание на чајот кај некои видови рак. Истражувањата, од страна на Министерство за здравство на Јапонија, покажаа значително намален број смртни случаи од рак, особено од рак на желудникот, во оние делови на земјата каде прекумерно се пие зелен чај. Во објавените испитувања на јапонските и кинеските научници, се наоѓаат податоци дека со пиење 5-7 шолји зелен чај дневно, кај дел од нивните пациенти се намалиле метастазите.

ЈАКИ И ЗДРАВИ ЗАБИ

Зелениот чај е богат со флуор, значаен за окоскување и за цврстина на забите, помага да се спречи расипувањето на забите и при болестите на забното месо. Редовното внесување флуор, ги штити забите од кариес. Само една шолја зелен чај содржи 0,3 до 0,5 mg флуор.

ПРОТИВ ЦЕЛУЛИТ

Зелениот чај помага и против целулитот, бидејќи ја ограничува апсорпцијата на маснотиите и ја поттикнува површинската циркулација. Тој е познат и како чај кој го помага слабеењето.

БОГАТ ИЗВОР НА ВИТАМИНИ И МИНЕРАЛИ

Зелениот чај содржи значително количество витамин Ц, исклучително јак антиоксиданс. Во зелениот чај тој е присутен четирипати повеќе отколку во лимонот и портокалот. Ваквата висока концентрација на витамин Ц во зелениот чај, му дава својство да го зајакнува имунолошкиот систем и да ги спречува негативните ефекти на слободните радикали во организмот, причинители на многу заболувања.

Исто така, зелениот чај е богат со витамините Б1, Б2 и Е. Пет шолји зелен чај обезбедува 5 - 10 % од дневните потреби за рибофлавин, нијацин, фолна и пантотенска киселина. Пет шолји зелен чај ги задоволува дневните потреби од минерали и тоа 5% магнезиум, 25% калиум, 45% манган.

ТРОМБОЗА

Зелениот чај ја спречува аглутинацијата на крвните плочки - тромбоцитите, со што се намалува ризикот од појава на тромбоза. Значи, дејствува превентивно при лекувањето на ова заболување.

ДИЈАБЕТЕС

Можеби е необично, но зелениот чај дејствува инхибиторно и на зголемувањето на шеќерот во крвта, односно на наглото покачување на нивото на шеќер во крвта, поради што е корисен и за лицата со дијабетес.