Подбел

(Tusilago farfara, fam. Compositae)

Подбелот расте како мала, зелјеста, долгогодишна билка, со хоризонтално поставен ризом. Цвета кон крајот на зимата и рано напролет, додека не се појават листовите. На врвот на секоја цветна дршка има по едно жолто главичесто соцветие со пријатен мирис. Активен и лековит дел од растението се листовите (Farfarae folium), кои се берат на пролет.

Листовите од подбелот се јајцесто тркалезни, со изглед на копито, по рабовите се неправилно назабени, брановидни, дебели, со кратка лисна дршка.

Исушениот лист од подбелот е лесно кршлив, однапред е темнозелен, а на заднината бел поради многу долгите волнести влакна. Има нагорчлив и слузен вкус и својствен мирис.

Листовите содржат доста слузи, потоа горчливи материи (гликозид тусилагин), флобатанин, гална киселина, инулин и фитостерол. Листот од подбел наоѓа широка примена во народната и во научната медицина, пред сè како средство за подобрување на функцијата на органите за дишење.

Благодарение на неговиот хемиски состав, подбелот влегува во групата на чаеви наменети за подобрување на функцијата на респираторните патишта, како средство за смирување на кашлица (оттука потекнува и неговото латинско име tussis - кашлица). Билната мешавина од корен и лист од бел слез, мајчина душица, лист од црн слез, лист од гинко, лист од коприва и лист од подбел поволно дејствува на слузницата на бронхиите, заштитувајќи ја истата. Овие билки имаат антибактериски и противвоспалителни особини, го олеснуваат дишењето и ја смируваат сувата кашлица.

Исто така, наоѓа голема примена и како извонредно средство за смирување и за ублажување на напади од астма. Листот од подбел подготвен во облик на попарок, инфуз, може да се користи и за испирање на устата и грлото, и надворешно за облоги и промивање.