Кандирана аронија

Црната аронија (Aronia melanocarpa) е овошје кое најчесто се одгледува на северната хемисфера, односно во Северна Америка и во Русија. Плодот од аронијата е особено богат со специфични фитохемикалии, како процијанидини и антоцијанидини, кои ја даваат силната боја, но уште позначајно е дека играат важна улога во поволните ефекти врз човековото здравје. Содржи голема количина калиум и цинк, витамини Б1, Б2, Б6, витамин С и пантотенска киселина. Плодовите од аронија имаат многу силен антиоксидативен ефект и се меѓу највисоко рангираните овошја во тој поглед. Аронијата низ многу студии ја поврзуваат со инхибицијата на клетките на ракот на дебелото црево, инхибицијата на мутацијата на клетките, хепатопротективниот ефект, намалувањето на ризик-факторите за кардиоваскуларните болести, со превенцијата и со контролата на дијабетесот и др.