Контакт

11-ти Октомври 46, Скопје

Телефон: (02) 3237 975

e-mail: bilnaaptekaalkaloid@alkaloid.com.mk

ЗА ФАРМАКОГНОЗИЈА И ЗА ФИТОХЕМИЈА

Фармакогнозијата е една од основните фармацевтски дисциплини, која има за цел да ги проучува природните лековити и ароматични суровини, односно дрогите. Нејзиниот назив потекнува од грчките зборови: pharmakon – отров, дрога или лек и gnosis – знаење, познавање. Според тоа, може да се каже дека фармакогнозијата е наука за дрогите.

Во фармакогностичкиот речник под зборот дрога се подразбира сув дел, или сув орган на одредено лековито или ароматично растение, како: цвет, лист, плод, семе, кора, корен, ризом, кртола и др., кои имаат појако или послабо фармаколошко дејство и се користат во фармацијата и во медицината.

Денес, главната задача на фармакогнозијата е насочена кон проучување на растителните суровини, нивната морфологија, анатомија, хемиски состав и нивното фармаколошко дејство. Употребата на овие суровини се базира на нивниот состав, односно на активните супстанции кои се носители на лековитите својства на дрогите, како што се: алкалоидите, хетерозидите, сапонозидите, танините, етеричните масла и др. Во некои земји фармакогнозијата се нарекува materia medica, а стариот назив за неа е познавање на дрогите. Називот фармакогнозија прв го употребил Сездлер во 1845 год. и тој денес е прифатен речиси во сите земји. Лековитите и ароматичните растенија, кои служат како суровина за добивање дроги, кои понатаму се користат во фармацијата, по квалитетот треба да одговараат на стандардите што ги бараат нашата и странските фармакопеи. За да се добијат дроги што ќе ги задоволат пропишаните барања од фармакопеите, лековитите и ароматичните растенија бараат стручно и совесно собирање и сушење и одговорно чување. Пред да се пристапи кон собирање на лековитите и на ароматичните растенија, треба да знаеме кој дел, односно кој орган од растението треба да се собира и кога, затоа што сите делови и во секое време не можат да се собираат. Не може од секое растение да се собираат цветовите, лисјата, кората, коренот или другите делови, туку само оние органи што се пропишани со нашата и со другите фармакопеи. Лековитите растенија и нивните делови се собираат кога тие се достасани, односно кога содржат најмногу активни материи. Собраниот растителен материјал понатаму треба правилно да се суши, а за таа цел потребно е да се знае неговиот анатомски и хемиски состав. Исто така, важно е и по сушењето органите на растенијата да го зачуваат хемискиот состав и природниот изглед.

Хемијата на дрогите, наречена фитохемија, зазема сè позначајно место во фармакогнозијата и опфаќа брзи и практични методи за анализа и за екстракција на активните материи од дрогите или од суровите лековити растенија. Активноста на голем број фармакогности и фармаколози ширум светот се сведува на откривање нови активни материи во дрогите, што ќе дадат поголем придонес во борбата против многу болести. Сознанието дека лекот добиен од растение е од биолошко потекло и дека како таков човечкиот организам подобро ќе го поднесе, ги поттикнува научниците на непрекинати истражувања во таа област и може да се каже дека резултатите не изостануваат.