Даб

(Quercus pedunculata, fam. Fagaceae)

Дабот е високо многугодишно дрво, со разгранета и густа крошна. Листовите се обратнојајцести, неправилно врзани, со лисна дршка. Плодот е желад, со светли линии по должината и со тенка плодна дршка.

Рано напролет, пред да почне да листа дабот или наесен кога ќе опаднат листовите, се собира кората од младите стебленца и гранки, бидејќи тогаш таа содржи најмногу сок и лесно се одделува од дрвото. Сувата дабова кора (Quercus cortex) има форма на цевки или на жлебести парчиња, со дебелина 1-3 mm. Од надворешната страна се глатки и сјајни, со сребреносиво-зеленкаста или со сивокафена боја. На површината имаат беличести лентицели и на места се гледаат лишаи. Во внатрешноста кората е темноцрвена и по должина неправилно пругаста. На пресек е малку влакнеста и груба. Нема мирис, а вкусот е многу опор, нагорчлив и стега.

На попречен пресек под лупа се забележува прстен којшто ја дели кората на надворешен, зеленкаст дел и внатрешен, жилав и кончест дел.

Содржи мешани танини, слободна гална и елагна киселина, флороглуцинол, танинско црвенило (флобафен), гуми, масти, смоли, пектини, шеќери (кверцит), горчливи материи (кверцин) и др.

Танините од дабовата кора се мешани, претежно се катехински (флороглуцинолски) танини, а има и елагни танини. Танините од кората се во облик на прашок со црвенкаста боја, непотполно растворливи во вода. Со текот на чувањето растворливоста опаѓа, што се должи на создавање на флобафен или танинско црвенило. Со хидролиза со разблажена сулфурна киселина од танините се добива дабово црвенило, темноцрвен флобафен, смолеста маса нерастворлива во вода, етанол и етер. По пат на хидролиза се добива и елагна киселина.

Најчесто се употребува во вид на 5-10 % декокт, како атстрингенс, исто како и другите танински билки. Декоктот се употребува и како антисептик, а по потреба и како антидот при труење со алкалоиди и со тешки метали.

Освен како еднокомпонентен чај, кората од даб се препорачува и во комбинации со други лековити билки со слично делување, како кора од врба, корен од коприва, лист од бреза, коњско опавче, корен од зајчев трн, коса од пченка, корен од гавез која помага за смирување на симптоми од ревма и ревматоиден артритис. Билките во мешавината го помагаат смирувањето на болките коишто се јавуваат при овие состојби. Се препорачува за ублажување на ревматски потешкотии во зглобовите и меките ткива, а воедно поволно делува врз целиот метаболизам во организмот. Свежо подготвениот чај се пие до 4 пати на ден, незасладен. Доколку не е поинаку препишано, се препорачува долготрајно користење на чајот.

Комбинацијата на кора од даб, ризом од срцева трева, камилица, нане, плод од боровинка, лист од капина, ризом од иѓирот и надземен дел од петровец придонесува за нормална функција на интестиналниот тракт и се препорачува на лица со повремена течна столица или за нејзина стабилизација и уредување, кај некои воспалителни форми на тенкото и дебелото црево. Овие билки ја намалуваат надуеноста на стомакот, воедно стимулирајќи ја дигестивната функција на желудникот, панкреасот и црниот дроб.